Background Circle Background Circle

Интервју: Слаѓана Штимац

Слаѓана Штимац, основач на сопствена адвокатска канцеларија и членка на Унијата уште од самите почетоци, таа е пример за жена која со труд, дисциплина и јасна визија чекор по чекор го гради својот професионален пат.

Во ова интервју разговараме за нејзината љубов кон адвокатурата уште од детството, предизвиците на градење сопствена канцеларија, важноста на правната поддршка за претприемачите и за тоа како изгледа модерната адвокатура денес. Искрено, директно и инспиративно — приказна за кариера изградена врз доверба и истрајност.

 

  1. Слаѓана, што те привлече кон адвокатурата и кога сфати дека тоа е професијата со која сакаш да се занимаваш?

Уште како мала, додека повеќето девојчиња велеа дека сакаат да бидат принцези, јас на мои десет години без двоумење велев: „Адвокат“.
Искрено, тогаш веројатно ни самата не знаев целосно што значи тоа, но знаев дека звучи како нешто силно, сериозно, моќно а праведно. Голема инспирација ми беше мојот вујко, и мислам дека токму од таму почна целата таа љубов кон професијата.

Интересно е што низ годините никогаш не се тргнав од тој пат. Немав фази „сакам ова“ или „сакам она“ — некако отсекогаш знаев каде се гледам. Искрено, едвај чекав да завршам средно образование и да дојдам до период кога ќе можам да се посветам на области што навистина ме интересираат, наместо на предмети во кои едноставно не се пронаоѓав.

Со текот на времето сфатив дека адвокатурата не е само професија, туку начин на размислување и начин на живот. Мене најмногу ме привлече тоа што ова е професија во која постојано учиш, анализираш, се бориш за нечии права и навистина можеш да направиш разлика во нечиј живот.

И денес, после сите години работа, можам да кажам дека чувството е исто — само сега многу подобро знам што значи зборот „Адвокат“.

  1. Како изгледаа твоите почетоци како адвокат и што беше најголемиот предизвик во градењето на сопствена адвокатска канцеларија?

Почетоците беа комбинација од голема желба, многу работа и искрено — доста непроспиени ноќи. Кога отвораш сопствена адвокатска канцеларија, не градиш само бизнис, туку градиш доверба, име и репутација. А тоа не се случува преку ноќ.

Искрено, никогаш не се гледав себеси во класична канцелариска рутина или како личност што лесно функционира во строги хиерархиски рамки. Мене отсекогаш ме привлекувала слободата што ја носи адвокатурата — динамиката, директната работа со луѓе, судницата, преговарањето, различните предизвици што ги носи секој ден. Токму тоа чувство дека сам го градиш својот професионален пат за мене има посебна вредност.

Најголемиот предизвик беше да се избориш за место на пазарот и да покажеш дека и млад адвокат може да понуди сериозност, професионалност и квалитет. Во оваа професија луѓето не ти даваат доверба само затоа што имаш титула — ја стекнуваш со работа, посветеност и резултати.

Во почетокот буквално работев сè сама — од предмети и рочишта, до административни обврски. Денес, после толку години самостојно работење, кога ќе се навратам наназад, сфаќам дека токму тие најтешки периоди ме научија на дисциплина, истрајност, организација и најважно — како со трпение и посветеност да изградиш нешто свое што има вистинска вредност..

Инаку, секој адвокат ќе ви каже дека првата добиена доверба од клиент се памети исто како првата добиена парница

 

  1. Што е најважно за да се изгради доверба помеѓу адвокат и клиент?

Довербата се гради со искреност, професионалност и пред сè — човечност. Мислам дека клиентот најпрво треба да почувствува дека пред себе има човек кој навистина го разбира неговиот проблем, а потоа адвокат кој знае како правно да го реши.

Многу е важно адвокатот да биде реален со клиентот — не да ветува невозможни исходи, туку да понуди јасна стратегија и искрен совет. Луѓето повеќе ценат искрен пристап отколку лажна надеж.

Исто така, комуникацијата е клучна. Клиентот треба да знае каде е предметот, што следува и што може да очекува. Кога клиентот чувствува сигурност, транспарентност и поддршка, тогаш се создава долгорочна доверба.

Во суштина, адвокатот не продава услуга — туку доверба, стабилност и чувство дека некој вистински се грижи за заштита на вашите права.

  1. Во денешно време, колку е важно претприемачите да имаат правна поддршка уште од самиот почеток?

Искрено — денес правната поддршка не е луксуз, туку неопходност. Многу претприемачи инвестираат во маркетинг, опрема или бренд, а правниот дел го оставаат „за подоцна“. Обично тоа „подоцна“ доаѓа кога веќе ќе настане проблем.

Добра правна поставеност од старт значи заштита на бизнисот, јасни договори, регулирани односи и превенција од идни спорови. Особено кај стартапи и нови компании, многу е важно уште на почеток да се дефинираат правата, обврските и односите помеѓу партнери, соработници и клиенти.

Во пракса често велам — подобро е еден добар договор денес, отколку три судски постапки утре.

 

  1. Кои се најчестите грешки што ги прават младите претприемачи од правен аспект?

Најчеста грешка е што многу работи се договараат „на збор“. Во почетокот сите имаат ентузијазам и доверба, но кога ќе дојде до проблем, тогаш сите се сеќаваат што „мислеле“, а не што навистина било договорено.

Исто така, често не се обрнува внимание на договорите, авторските права, заштитата на брендот, роковите за плаќање или односите меѓу содружници и обврските кон трети лица. Многу луѓе мислат дека правните прашања се важни само за големи компании, а реалноста е дека токму малите бизниси се најранливи ако немаат добра правна основа.

И уште една работа — Google и ChatGPT не може да биде адвокат.
Информација и правен совет не се исто.

  1. Како се менува адвокатската професија денес и колку модерното време бара нов пристап кон клиентите и работењето?

Адвокатурата денес многу се менува и мислам дека клиентите очекуваат многу повеќе од класичен формален пристап. Денес луѓето бараат брзина, достапност, јасна комуникација и практични решенија.

Современиот адвокат мора постојано да се надградува — не само правно, туку и во начинот на комуникација, организација и разбирање на бизнисот. Клиентот денес сака адвокат што ќе го разбере и правно и деловно.

Технологијата исто така го промени начинот на работа — денес многу процеси се побрзи, комуникацијата е подинамична, а присуството на социјалните мрежи стана дел од професионалниот идентитет. Но, искрено, сметам дека дигитализацијата кај нас сè уште не е доволно еднакво имплементирана во сите институции. Во одредени сегменти се чувствува напредок и работите навистина функционираат побрзо и поефикасно, но кога станува збор за судските постапки, сè уште многу често се враќаме на класичната документација и физичките оригинали.

Иако дигитализацијата е иднината и значително го олеснува работењето, сепак сметам дека некои процеси, особено во судските постапки, сè уште бараат одредено ниво на формалност и автентичност преку оригинална документација и потпис со мастило. Затоа верувам дека најдобро функционира балансот помеѓу дигиталното и традиционалното работење.

Сепак, едно нешто не се менува — довербата и квалитетната работа секогаш остануваат најважни.

  1. Ти си членка на Унијата уште од самиот почеток. Што значи за тебе да бидеш дел од оваа заедница толку години?

За мене тоа претставува многу повеќе од членство — претставува чувство дека си дел од заедница која препознава идеи, амбиција и потенцијал уште од самиот почеток. Денес ретко се наоѓа средина која искрено поддржува млади луѓе, ги мотивира да растат и им дава простор да се поврзат, соработуваат и напредуваат заедно.

Токму затоа Унијата за мене има посебна вредност. Во текот на годините не беше само место за вмрежување, туку и поддршка, инспирација и потсетник колку е важно да бидеш опкружен со луѓе што имаат визија и желба да создаваат нешто повеќе.

Верувам дека успехот денес не се гради самостојно — се гради преку квалитетни луѓе, добри контакти, размена на идеи и меѓусебна поддршка. А кога една заедница знае да препознае талент и да го поттикне, тогаш таа навистина има вредност.

Искрено, убаво е кога покрај секојдневниот професионален натпревар постои место каде што луѓето не гледаат само конкуренција, туку и потенцијал за соработка. А тоа денес вреди многу.