Интервју: Стефан Смиљаноски
Стефан е еден од оние членови кои сакаат да се дружат, да учат и да разменуваат идеи. Затоа успехот е неминовен, а ние сме посебно горди што може да помогнеме во тој процес!
1.Како би објаснил што е 3DLoom на некој што не се разбира во технологија и медицина?
3DLoom e тим искусни професионалци кои имаат за цел да креираат решенија во областа на медицината преку користење на новите технологии (3Д печатење, вештачка интелигенција, виртуелна реалност итн.)
Нашиот главен производ се 3Д испечатени модели за предоперативна подготовка на хирурзите. Моделите се направени според уникатната анатомија на самите пациенти со што даваат најточна прегледност уште пред да почне операцијата.
2.Како дојдовте до идејата за 3DLoom?
Еден од другите соосновачи (и еден од моите најстари пријатели), др. Арсенков е абдоминален хирург, но и ентузијаст за најновите технологии. Ист таков ентузијаст и професионалец е и другиот соосновач Огнен. Јас им се приклучив со цел оваа приказна да го добие вниманието што го заслужува бидејќи сметам дека потенцијалниот импакт на истата е преважен.
3.Кој е најзначајниот резултат што го постигна благодарение на поврзувањето со други млади претприемачи и раководството преку настаните?
На еден од првите настани на Унијата, се запознав со Александар Момировски. Тој уште на самиот настан ме спои со екипата од Digital Den Hub од Црна Гора. За кратко време, 3DLoom стана дел од портфолиото на Digital Den и имав прилика заедно со нив да одам во Вашингтон на најголемиот инвестициски самит во САД – SelectUSA и да направам преку 80 важни контакти. Сето ова почна од само една разговор на настан организиран од Унијата на Млади Претприемачи во есента 2024.
4.Кој ти беше најголем предизвик кога започна да соработуваш со Црна Гора и со Digital Den?
Факт е дека потешко оди да се почне соработка со луѓе што ги знаеш искучиво преку виртуелен пат. За среќа, со Digital Den после неколку состаноци online, се запознавме во живо и увидовме дека и приватно и професионално сме на иста линија. Оттогаш „одма е друго“.
5.Што сметаш дека е подобро, да се биде соло претприемач или да се води компанија со повеќе партнери?
Сметам дека дефинитивно е подобро да си дел од тим. Ние луѓето се социјални животни, и природно сме предодредени заедно со други подобро и поуспешно да се справуваме со предизвиците.
6.Што сметаш дека сега е потребно за компанијата да продолжи да прогресира?
Порано мислев дека најважно е да си љубопитен за нови знаења и континуирано да учиш. Од пред скоро, сфатив дека исто (ако не и поважно) е вмрежувањето. Ништо важно не може да се случи во изолација. Потребно е да си меѓу луѓе, и тоа особено меѓу оние кои што имаат исти цели како и ти. Во мој случај, искуството опишано во одговорот на третото прашање е доказ како тоа даде резултат. Слободно сметајте го ова како повик да се приклучите на Унијата.