Интервју: Кристијан Стефановски
Кристијан е еден од првите членови на Phoenix Rising. На самите почетоци тој имаше повеќе критики, но тие беа најголема мотивација за прогресот на организацијата. Од тогаш работите се сменети – денес Кристијан е еден од најголемите поддржувачи и има донирано повеќе од 600 топки сладолед за настани организирани од Унијата ⭐️
- Можеш ли да ни ја раскажеш приказната за тоа како започна твоето претприемачко патување? Што те инспирираше да започнеш?
Сакавме да останеме во Македонија и да изградиме нешто вредно тука. Бевме инспирирани од идејата да внесеме нов квалитет во светот на десертите — природен сладолед со уникатен вкус и силна приказна зад себе.
- Koj беше најголемиот предизвик со кој се соочи кога почна — и како успеа да го надминеш?
Најголем предизвик беше да постигнеме совршен сооднос помеѓу квалитет и цена. Преку оптимизација на процесите и внимателен избор на состојки, успеавме да понудиме производ што нуди вистинска вредност за секој клиент.
- Имаш ли некој посебен момент кога почувствува дека си горд/а на тоа што го имаш изградено? Што го направи тој момент посебен за тебе?
Најпосебни ни се моментите кога случајни луѓе нè запираат на улица и ни честитаат за тоа што го правиме. Кога ќе ти каже некој: „Секоја чест, вашиот сладолед е совршен — од вкусот, до пакувањето и бредингот“, тогаш знаеш дека сето вложено време, труд и страст навистина имаат значење.
- Кои се следните чекори за тебе и за твојот бизнис? Дали имаш некои возбудливи планови или соништа на кои работиш?
Фокусот сега ни е на раст и стабилизација. Планираме да го зголемиме капацитетот на производство и да навлеземе подлабоко во нови пазари, особено во малопродажба и ХоРеКа каналот. Работиме и на концепт за франшиза, со кој нашиот бренд би можел да се прошири низ целата држава и пошироко.
- Кој или што те мотивира кога е тешко?
Најголема мотивација ми се насмеаните и задоволни лица на клиентите. Исто така, ме движи желбата да оставиме позитивен отпечаток во општеството и да бидеме пример дека може да се успее и тука, со труд, визија и искрен пристап.
- Ако твојата претприемачка приказна беше книга или филм — како би се викала?
Хаха… веројатно „Два браќа слаткари“. Затоа што ова не е само бизнис, туку братска приказна за доверба, заеднички сон и многу поучни моменти но и тешки моменти.