Background Circle Background Circle

Интервју Паола Христова

Некои приказни започнуваат со бизнис идеја, а некои со начин на живот. Приказната на Паола Христова е комбинација од двете. Растејќи во семејниот бизнис „Христов-Графика“, таа рано научила дека успехот се гради со дисциплина, доверба и искрен однос кон луѓето. Денес, живеејќи на Пелистер и балансирајќи помеѓу семејството, природата и работата, Паола создава проекти што ја поврзуваат креативноста, образованието и заедницата.

1. Ти си дел од семејната компанија “Христов-Графика”. Кои се најважните вредности што ги научи од семејниот бизнис и што денес ги применуваш во твоите сопствени проекти?
        Да се расте во семеен бизнис како  “Христов-Графика” значи секојдневно да учиш дека работата не е само заработка, туку и одговорност и однос кон луѓето. Најмногу научив за дисциплината, истрајноста и искреноста со клиентите. Кај нас секогаш важи дека зборот има тежина ако ветиш, мораш да испорачаш. Денес, во сите мои проекти, тоа го носам со себе, квалитет пред квантитет и долгорочна доверба наместо брз успех.
  2. Денес живееш на Пелистер, далеку од класичниот градски бизнис ритам. Како изгледа да се водат бизнис и проекти од таква средина и како го балансираш животот на планина со професионалните обврски?
Животот на Пелистер е сосема поинаков од градската динамика, тука сѐ е потивко, побавно, но и многу пофокусирано. Тука имам простор да размислувам, да создавам без постојана гужва. Промената е голема, и транзицијата од градскиот бизнис ритам, во планинска идила не ми беше најлесна. Но, бизнисот денес дозволува флексибилност, со интернет и добра организација, можеш да работиш од било каде.
Балансот го наоѓам во рутината, јасно одделувам време за работа и време за себе и семејството. Планината ме учи да забавам, а работата ме држи во ритам.
3. Покрај семејниот бизнис, минатата година го основа здружението „Колевка“ и го отвори едукативниот центар “Мали истражувачи”. Што те поттикна да започнеш ваква иницијатива?
Едукативниот центар „Мали Истражувачи“ е првиот самофинансиран проект на “Здружението за семеен раст и развој во природа- Колевка”. Идејата дојде многу природно, од желбата да создадам простор каде што децата ќе можат слободно да ја изразат својата креативност и љубопитност.
Така настана програмата на “Мали истражувачи” која ги поттикнува децата да истражуваат, да поставуваат прашања, да не се плашат да погрешат и да веруваат во своите идеи.
4. Каде го гледаш развојот на “Мали истражувачи” во следните неколку години?
Го гледам како заедница што ќе расте, не само локално, туку и пошироко. Би сакала да прерасне во центар што ќе ги поврзува децата, родителите и едукаторите, со работилници, настани и едукативни проекти.
Најважно ми е да ја задржи својата суштина, играта и слободата во учењето на децата.

5. Неодамна ја објави сликовницата „Змејот од нашата планина“. Како изгледаше процесот од идеја до готова книга?
„Змејот од нашата планина“ започна како идеја инспирирана токму од природата околу мене. Почна како приказна која им ја раскажував на моите деца, а секогаш кога планинариме носиме храна за змејот кој не чува. Процесот беше комбинација од пишување, цртање, корекции и многу трпение. И секако трудот и упорноста на илустраторот Андријана Јанкулова, која преку илустрациите им ја доближи приказната на децата.
Најголем предизвик беше да се задржи едноставноста, а сепак приказната да има длабочина. Од првата скица до готова книга беше долг, но многу убав процес. Кога конечно ја држиш сликовницата во раце, сфаќаш дека сѐ вредело.
6. Многу жени од помали средини имаат идеи, но често чувствуваат дека можностите се ограничени. Кој совет би им го дала да се охрабрат и да го направат првиот чекор?
Би им рекола да не чекаат „совршени услови“, бидејки тие ретко доаѓаат. Почнете со тоа што го имате, таму каде што сте.
Живеењето во помала средина не е ограничување, туку најчесто предност, имате фокус, помалку одвлекувања и можност да изградите нешто автентично. Најтешкиот дел е првиот чекор, но откако ќе го направите, работите почнуваат да се движат.
И најважно е да верувајте во вашата идеја, дури и кога никој друг сè уште не ја гледа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *