Background Circle Background Circle

Интервју: Александар Момироски

Некои приказни започнуваат со идеја — неговата започнува со акција. Александар Момироски, коосновач и потпретседател на Унијата на млади претприемачи, уште на 18 години обезбедува грант од 100.000€ и започнува да гради технолошко решение во областа на соларната енергија.

  1. Александар, уште на 18 години обезбедивте грант како поддршка за вашата бизнис идеја. Какво беше тоа искуство и што ве мотивираше да го направите тој чекор толку млад?

Идејата за Солар Дата Колектор произлезе како победнички проект на хакатонот NASA Space Apps 2017. По самиот настан, заедно со менторите кои беа дел од програмата, продолживме да ја развиваме идејата во насока на научно-технолошко решение, со цел што подобро да се претставиме на следниот чекор – патувањето во САД и презентацијата пред претставници на НАСА во Флорида.

По враќањето во Македонија, благодарение на медиумската покриеност, почнаа да се јавуваат првите заинтересирани клиенти кои препознаа потенцијал во решението, иако во тој период ваков тип на софтвер практично не постоеше на локалниот пазар. Тоа беше моментот кога сфативме дека идејата може да прерасне во реален бизнис, па ја регистриравме компанијата.

Како млади основачи, на почетокот повеќе бевме фокусирани на производот отколку на финансиската страна на бизнисот. Меѓутоа, брзо сфативме дека за сериозен развој е потребна финансиска поддршка. Тоа нè мотивираше да аплицираме на повикот на ФИТР, каде што успеавме да добиеме ко-финансиран грант во висина од 100.000 евра. Овој грант не го гледам само како финансиска поддршка, туку како признание и доверба во идејата. Тој ни овозможи да поставиме стабилна основа и да го развиеме првото функционално решение.

  1. Како се роди идејата за софтверот за мониторинг на соларни панели? Што виде како проблем што сакаш да го решиш?

Првичната идеја од хакатонот беше доста поширока и концептуална во споредба со тоа што Солар Дата Колектор е денес. Во текот на развојот, преку директна комуникација со индустријата и првите клиенти, увидовме конкретен проблем – недостаток на ефикасни алатки за следење и оптимизација на перформансите на фотоволтаичните централи.

Токму од тие реални потреби произлезе насоката во која се развиваше продуктот. Наместо да градиме решение базирано само на претпоставки, го градевме заедно со пазарот. Денес, софтверот не е само алатка за мониторинг, туку систем кој им помага на компаниите да носат подобри одлуки и да ја зголемат ефикасноста на нивните инвестиции.

  1. Кој беше најголемиот предизвик на почетокот — технологијата, бизнисот или вербата во себе

Најголемиот предизвик беше комбинација од сите три, но ако треба да издвојам, тоа е темпото на развој на технологијата. Живееме во време кога идеја што денес ти изгледа иновативна, веќе утре може да биде реализирана некаде во светот.

Тоа на почеток може да делува обесхрабрувачки, но со тек на време го претворивме во наша предност. Наместо да се натпреваруваме директно, почнавме да размислуваме покреативно и да бараме уникатен пристап. Тоа „think out of the box“ размислување стана дел од нашата култура и ни помогна да изградиме пофлексибилен и поиновативен производ.

  1. Колку е тешко да се гради tech бизнис во Македонија и дали гледаш повеќе можности локално или глобално?

Градењето tech бизнис во Македонија носи специфични предизвици, особено кога работиш во индустрија која во тој период не е доволно развиена или препознаена. На почетокот, еден од најголемите предизвици беше едукацијата на пазарот – објаснување на вредноста на решението и градење доверба кај клиентите.

Од друга страна, токму локалниот пазар ни овозможи да учиме, да правиме грешки и да го подобруваме производот со помал ризик. Сметам дека е важно стартапите да започнат локално, да изградат основа, а потоа постепено да се шират.

Ние дури по неколку години активна работа успеавме да направиме посериозен исчекор надвор од Македонија, прво во регионот. Денес гледам дека можностите се глобални, но патот до таму најчесто започнува локално.

  1. Кои се најголемите грешки што ги направи на почетокот и што научи од нив?

Една од најголемите грешки беше тоа што прифаќавме речиси секоја соработка и секоја можност што ќе се појавеше. Тоа на почеток изгледа логично – сакаш да растеш, да се докажеш и да не пропуштиш ништо.

Но со тек на време сфатив дека не секоја можност е добра можност. Фокусот е клучен, како и јасното поставување на вредноста на твојата работа. Во бизнисот, односите мора да бидат базирани на јасни услови и одржлива економска логика.

Таа лекција ни помогна да станеме поорганизирани, да ги избираме проектите внимателно и да градиме стабилни партнерства.

  1. Ти си коосновач и потпретседател на Унијата. Што значи за тебе да градиш заедница, а не само бизнис?

Градењето заедница за мене има подеднаква вредност како и градењето бизнис. Унијата на млади претприемачи настана од реална потреба – да се создаде простор каде младите ќе можат да се поврзат, да разменуваат искуства и да се поддржуваат меѓусебно.

Во Македонија често младите претприемачи не се сфаќаат доволно сериозно, а токму заедницата може да ја промени таа перцепција. Преку Унијата се создава средина каде што секој има можност да се изрази, да учи и да расте, без притисок или предрасуди.

  1. Која е најголемата вредност што Унијата им ја дава на младите претприемачи?

Најголемата вредност што ја носи Унијата е нетворкингот. Преку настаните и активностите што ги организираме, се создаваат реални бизнис можности и соработки.

Особено ми е драго што покрај локалните, почнуваат да се развиваат и регионални соработки, благодарение на партнерствата со организации од Црна Гора и Србија. За млад претприемач, излезот на нов пазар е голем предизвик, и токму ваквите мрежи можат значително да го олеснат тој процес.

Унијата, на некој начин, го отвора патот и создава можности кои индивидуално би биле многу потешко достижни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *