Background Circle Background Circle

Интервју: Димо Попчев

Пивото може да биде вкус, но може да биде и приказна.
Во ова интервју разговараме со Димо Попчев, основач на PIVOLABS, психолог по професија и долгогодишен член на Унијата Phoenix Rising, кој успешно ги спои креативноста и науката во еден уникатен бренд.

Од експерименти со неочекувани вкусови, до разговори за менталното здравје на претприемачите — Димо ни открива како изгледа да градиш бизнис што ги разбира и сетилата и луѓето. Како член на Извршниот одбор на Phoenix Rising и поддржувач на заедницата од самиот почеток, неговата приказна е пример дека претприемништвото не е само профит, туку и раст, баланс и заедништво.

1.Димо, како дојде до спојот на две навидум различни области – психологијата и занаетчиското пиварство? Каде „кликна“ идејата за PIVOLABS?

Психологијата датира од многу поодамна во календарска смисла, завршив факултет пред едно 16 години а пред 10 години продолжив со специјализации во тоа поле и патувајќи сосема случајно наидов на личности (денешните партнери) кои уживаат да креираат во кулинарска смисла. Па така се зароди идејата за претприемништво кое ќе го задоволи моето алтер его за да се испробам и на тоа поле. Навидум различни области но се спојуваат некаде во полето на креативноста, двата процеса предизвикуваат задоволство кај луѓето.

2.PIVOLABS е познат по различни и храбри вкусови. Како изгледа процесот на создавање ново пиво – повеќе интуиција или научен пристап?

Порано беше научен пристап кој бараше многу обиди и грешки за да се доведе до подобрување на оние клучни моменти кои даваат технички коретно пиво (според стилот), но како што поминуваат годините станува збор за интуиција која може да се реализира само ако ги имаме претходно совладано базичните правила. Дојдовме до точка каде што ако сакаме да извадиме нов стил на пиво потребен ни е само еден мал експеримент во кој ќе ги испегламе финесите на тоа што сакаме да го создадеме пред да го пуштиме во сериско производство.

3.Кој вкус досега ти бил најголем ризик – и дали публиката го прифати?

Најголем ризик беше Chilli Porter, пиво со лути пиперчиња, ѓумбир и ванила… Нешто што е доста храбро за нашите простори зашто е доста специфично и популацијата незнае што да очекува а се надева на вкус на пиво… Мислењата беа радикално спротиставени, некои не можеа да го конзумираат а некои беа воодушевени, па следствено на тоа јас мислам дека е позитивна дихотомија во резултатите.

4.Како реагира пазарот во Македонија на крафт пивата и на поинаквите вкусови?

На многу подобра позиција сме за разлика од пред 5-6 години, почнавме од изјавите: дали ова е пиво? и стигнавме до изјавите: Јас само ова го пијам…
Нашиот пазар беше тежок на промени меѓутоа гордо можам да изјавам дека успеавме постепено да го менуваме, да еволуира во однос на новите вкусови. Нормално бевме подржани од трендовите кои се случуваат секаде околу нас, од се поголемиот број на патувања на нашите граѓани надвор од државата а со тоа и нивна отвореност на нови вкусови. Мене ме радува дека се се движи во нагорна линија

 

5.Дали мислиш дека добар бизнис мора да ја разбира психологијата на луѓето – не само бројките?

Па искрено сметам дека двата сегменти се неизоставен дел од добар претприемачки бизнис. Без добра предикција нема одржливост на самата идеја,а без добар тим не може да се зборува за бројките… Тука стапува во функцијата комплементарноста на карактерите на луѓето кои се составен дел од тимот, негување на заедничката цел, одлична комуникација, искреност и транспарентност, како главни аспекти кои јас сметам дека се неопходни за сето тоа да функционира и успешно да се справува колективот со предизвиците кои ги условуваат барањата на регулативите, пазарот и процесот низ кој поминува компанијата.

6.Имаш водено групни психолошки сесии за членови на Унијата – што најчесто ги мачи младите претприемачи денес?

Се разбира дека имам 😊 Што особено ми е драго зашто добивам едно ново поле кое мислам дека е многу малку истражено, а тоа е како секој претприемач се справува со својата приказна, со кои интелектуално/емоционални предизвици се носи и кои грижи го мачат. Исто така се појавува прашањето: Како најадекватно да побарам поддршка за сопствениот бизнис кој истовремено е мое професионално дете и за кое и те како сум емоционално инволвиран, затоа што го создавам со сопствен труд и капитал. Клучни поими со кои се соочуваме како претприемачи се тоа дали правам доволно, како можам повеќе, како се грижам за себе си за да избегнам burn out, затоа што не само што нема кој да ме замени туку и тешко доаѓа опоравувањето после случувањето.

7.Каде го гледаш PIVOLABS во следните 5 години – повеќе вкусови, поголем пазар, регионално присуство?

Па пред се да биде дисперзиран се повеќе на домашниот пазар, каде што ќе биде препознаен и достапен на повеќе локации, како маркети така и угостителски објекти. Повеќе вкусови со нагласок на неколку безалкохлни пијалаци од чиста потреба на пазарот и трендовите а исто и од неисполнетата идеја да се доискористат можностите на суровините и да се задоволи креативниот порив и во тој правец.
Регионалното присуство секоја година беше идеја и предизвик, меѓутоа до сега процесот на комплетирање на производствените машини беше главна преокупација и со големо задоволство кажувам дека технолошки сме спремни за тој чекор. Располагаме со опрема која ни овозможува многу поголема ефикасност и стандардизација на прозиводите, како и поголема автоматизација за задоволување на потребните количини кои се нужни за да искочиме на регионалната арена.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *