Интервју: Петар Сердјук
- Петар, да се биде адвокат во трета генерација е навистина импресивно! Што лично за тебе значи продолжувањето на семејното наследство?
Да се биде адвокат во адвокатска канцеларија како трета генерација е огромна чест и предност во мојата кариера. Канцеларијата наскоро ќе прослави 60 години постоење. Тоа ми дава една посебна тежина и го чувствувам како голема одговорност. Од аспект на семејно наследство, покрај огромната ризница од искуства – знаење и пракса изградени низ илјадници случаи, наследив и вредности – чесност, упорност и љубов кон професијата. Мојата улога е да внесам нова енергија, свежи идеи и посветеност во нашиот развој. Мојата цел во продолжувањето на канцеларијата е да стигнеме и до 100 години постоење и успех.
- Кажи ми нешто за тебе, и каде се пронаоѓаш ти во семејната канцеларија?
Мојот пат започна во 2014 година кога се приклучив во нашата канцеларија како најмладиот правник. Наредната година ги загубив мојот дедо и мојот татко – врвни адвокати кои беа столб на адвокатската канцеларија. Токму тоа ме натера да преземам одговорност на млада возраст, и веќе 6 години ја водам канцеларијата како адвокат.
Самостојно успеав на 30 годишна возраст да потпишам две Fortune 500 компании со кои соработувам одлично. Работам моментално и на потпишување на трет гигант, една од 10те најголеми компании во светот.
Имав чест да бидам повикан да станам член на најреномираното правно списание што ја покрива адвокатурата и бизнис-правото во Централна и Источна Европа. Таму повремено пишувам објави и анализи за деловното право во Македонија.
Канцеларијата ја водам со сопствен стил – да бидам брз, прецизен, темелен, но и креативен. Секогаш се фокусирам на „големата слика“.
Посебно сум исполнет кога работам на проекти и бизниси кои се значајни за нас и нашето општество, пример на основање и лиценцирање на првата македонска авиокомпанија по згаснувањето на МАТ, отворање приватна клиника која носи врвни доктори, неколку големи хотели во Скопје и Охрид, градежни компании специјализирани за инфраструктура, и други значајни проекти кои носат вредност за економијата.
Особено сум горд поради тоа што портфолиото на клиенти го градиме врз основа на квалитет и доверба, па така клиентите кои почнале соработка со нас остануваат долгорочно.
- На кои правни области се фокусира канцеларијата, и зошто ги избравте токму нив?
Фокусот ни е таму каде што правото носи раст и резултати за компаниите. Тоа би значело корпоративното право, спојувања и преземања, инфраструктурни проекти, енергетика, јавни набавки, како и судски постапки. Токму овие области дозволуваат да работиме со водечки домашни и интернационални компании. Преку нашата работа од таа област помагаме на компаниите да донесат покрај инвестиции и капитал, и „know-how“, нови технологии, нови услуги и стандарди кои го унапредуваат целиот бизнис сектор. Секојдневно соработуваме со клиентите за да успешно работат во нашата држава со целосна усогласеност со законските прописи, а преку тоа верувам дека и ние директно придонесуваме кон економскиот и општествениот развој.
- Дали постои некој случај што засекогаш ти го промени погледот кон професијата?
Во првата година кога почнав да работам, до мене стигна предмет кој беше „невозможен“, односно имаше востановена пракса дека не може да се добие. Предметот така поминал преку повеќе адвокати кои се откажале целосно од работа, но јас се решив да пробаме. По неколку месеци ја добив постапката и ја пробив воспоставената судска пракса. Никогаш нема да го заборавам тој момент на успех и еуфорија, особено затоа што сите пред тоа беа убедени дека нема никакви шанси. Од овој предмет уште на почетокот на кариерата научив да не прифаќам неуспех, туку напротив да давам се од себе и да не се откажувам.
- Кој е еден мит за адвокатите што би сакал веднаш да го разбиеме?
Еден мит е дека адвокатите ги комплицираат работите и ја отежнуваат работата, па затоа често има негативна перцепција за нив. Не се согласувам со тоа и сметам дека добар адвокат е оној што ги прави сложените работи едноставни и разбирливи. Добар адвокат ја олеснува работата на клиентите. Ние сме тука да ги решаваме нивните проблеми и да ги реализираме нивните идеи на најдобар можен начин.
- Кој совет би им го дал на младите претприемачи во врска со правните аспекти при започнување бизнис?
Сметам дека ангажирање на добри консултанти е темел на секој успешен бизнис. Почетокот е клучен: начинот на кој бизнисот ќе биде поставен од самиот старт прави огромна разлика кога ќе дојде моментот на раст. Дали тој раст ќе биде стабилен и правилно насочен зависи од тоа колку паметни одлуки се донеле на почетокот.
Младите претприемачи често мислат дека квалитетната правна помош е скапа или непотребна, и го одлагаат моментот на ангажирање на професионалци. Но вистината е спротивна: секогаш е полесно, побезбедно и поекономично да се постават солидни правни темели на почетокот, отколку подоцна да се поправаат компликации, грешки и проблеми. Добрата правна структура не е трошок, туку инвестиција во бизнисот — темел врз кој може да се гради одржлив раст и успех.