Background Circle Background Circle

Интервју: Магдалена Димишкова

Од љубов кон милениците до бренд без компромиси — прочитај ја инспиративната приказна на Меглена Димишкова, основачка на BooBoo Cosmetics, и дознај како се гради бизнис со срце.

1.Меглена, што те инспирираше да започнеш со BooBoo Pet’s Cosmetics? Колку голема беше твојата љубов кон милениците и како премина во бизнис идеја?

 

– Љубовта кон милениците кај мене никогаш не била „обична“. За мене никогаш не биле само животни, тие се семејство, терапија, инспирација и понекогаш најискрените учители за безусловна љубов. Мотив за започнување на приказната BooBoo беше идејата на животните да им го дадам она што го посакувам и за себе, нежна грижа, безбедни производи и малку среќа во секојдневието. Ме водеше една мисла, функционална, природна, убава и ароматична козметика, создадена за вистинска грижа. Бескрајното галење на мојот лабрадор Маша, истражувањето на слабиот асортиман на производи за нејзина нега на домашниот пазар, постојаното тестирање на производи од странство и нејзините реакции на нив, со еден збор љубовта и грижата за моето куче прерасна во идеја, а идејата во бренд.

 

2.Дали имаш личен миленик кој ти помогна да го дефинираш производот и потребите што сакате да ги решите со BooBoo?

 

– Веќе ја споменав, Маша. Најсмешниот лабрадор со своеглав карактер, со огромни шепи. Маша е типичен лабрадор, вљубена е во трчање, валкање во кал, бескрајно играње во трева и враќање дома како „уметничко дело“. По секоја авантура следеше истиот ритуал, чистење шепи, моја континуирана грижа дека се сè посуви, напукнати и чувствителни. Нејзините шепи ми станаа најгласниот сигнал дека на македонскиот пазар му недостига нешто подобро. Маша ми даде аларм што им треба на нашите миленици. Така создадовме козметичка линија за миленици, производи што ќе ги заштитат по игра во трева и кал, што ќе ги нахранат и смират исушените шепи, и ќе ги дезинфицираат од секакви штетници од околината, производи за нега на нивното крзно и влакно. Секој производ што го создавав го замислував на нејзините шепи, на нејзиното крзно и на нејзиниот среќен, валкан поглед по уште една авантура надвор. Маша не е само инспирација, таа е причината зошто BooBoo постои.

 

3.Што беше најголемиот предизвик како основачка, особено во почетокот?

 

– На почетокот, да верувам во нешто што сè уште не постоеше, освен во мојата глава и во срцето. Најтешко беше да останам доследна на визијата, да не попуштам на полесни решенија, поевтини состојки или „брзи“ компромиси. Кога создаваш бренд од љубов, најголемиот тест е да ја заштитиш таа љубов додека растеш. Но токму тие почетоци ме научија дека храброста не значи да немаш страв, туку да продолжиш и кога го имаш. И секој пат кога ќе видам среќен миленик и мирен сопственик, знам дека секој предизвик вредел.

4.BooBoo нуди премиум козметика за миленици – што подразбира тоа и како се разликува од обичната козметика?

 

BooBoo козметиката се разликува по тоа што е создадена на природна база, со внимателно одбрани состојки што се безбедни и нежни за секојдневна употреба. Во линијата на BooBoo спаѓа природен шампон со масло од бадем, без сулфати и парабени, pH-балансиран за кожа на миленици и наменет за нежно чистење, хидратација и сјај на крзното. Природен спреј за расчешлување кој со својата балансирана формула ги отплеткува влакната, го олеснува чешлањето и е погоден за сите типови крзно. Спреј за дезинфекција со активен кислород, кој е 100% еколошки, нетоксичен и безбеден и за миленикот и за просторот околу него, како и Балсам за шепи, нос и кожа, направен од природни состојки и масла, кој смирува, штити и регенерира сува или иритирана кожа. Сите производи се создадени со јасна визија. BooBoo е првата македонска козметика за миленици на природна основа, бренд изграден со љубов и без компромиси кон квалитетот.

 

5.Дали има некоја посебна приказна за милениче или сопственик што те допре и ти покажа зошто ова што го правиш е важно?

– Да и тоа е една од оние приказни што тивко ти го стега срцето и те потсетува дека никогаш не смееш да се откажеш. Една сопственичка ми се јави за своето куче кое со години имало чувствителни, испукани шепи. По секоја прошетка, кучето имало болка, лижење, непријатност. Сподели дека пробале се, но нејзиното куче и понатаму било нервозно и со фокус на своите шепи. Кога почна да користи BooBoo, не ми пиша веднаш за дека преку ноќ нејзиниот миленик добил совршени шепи. Ми напиша дека првпат по долго време, нејзиното куче мирно заспало по прошетка. Без лижење. Без болка. Среќни и задоволни клиенти и миленици, тоа е најголемиот успех на оваа бизснис приказна.

6.Какви реакции добиваш од клиентите — и која порака те мотивира најмногу кога ја читаш?

 

– Реакциите од клиентите се секогаш мешавина од резервираност за производите, до изненаденост, олеснување, па и искрена радост по резултатите од користењето. И секоја порака од клиентите ми е „гориво“ кога денот е долг. Омилена порака ми е онаа што е проследена со фотографија од нивниот миленик и топли и искрени зборови од сопственикот.

7.Како изгледа твојот секојдневен баланс меѓу креативноста, оперативните задачи и донесувањето бизнис одлуки? Дали имаш тим кој те поддржува?

 

– Мојот секојдневен баланс е динамичен, искренo. Во оваа приказна сме две храбри и инспиративни жени, јас и Јана која ја има најголeмата улога во маркетингот и промоцијата на брендот. Не сме голема машинерија, туку тим што дише како едно, со заедничка визија и љубов кон тоа што го создаваме. Во суштина, BooBoo Pet’s Cosmetics, живеее помеѓу креативноста и табелите, инспирацијата и роковите. Утрото најчесто започнува со креативниот дел, идеи за нови производи, формулации, визуелен идентитет и маркетинг. Маркетингот е нашиот директен глас кон заедницата и тука вложувамe многу емоција и стратегија, затоа што не продаваме само производ, туку приказна и доверба. Да не ја заборавам и логистиката, оперативните задачи, комуникацијата со клиенти, нарачки, планирање, донесување бизнис одлуки. Тоа е делот што бара ладна глава и јасни избори – понекогаш тешки, но неопходни за раст. И кога на крајот од денот ќе знам дека сме направиле нешто добро за нечиј миленик, тогаш знам дека сè си доаѓа на место.

8.Кој е твојот најголем совет за младите кои размислуваат да започнат свој бренд?

 

– Не чекајте „совршен момент“, тој не постои. Почнете со тоа што го имате, учете додека одите и прифатете дека ќе правите грешки. Тие не значат дека не сте добри, туку дека растете. Работете на вашето трпение, никогаш резултатите не доаѓаат преку ноќ. И најважно, не правете компромис со квалитетот на производите и услугите што ги нудите. Луѓето чувствуваат кога нешто е создадено со срце, а довербата е најсилната валута што еден бренд може да ја има.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *