Интервју: Александар Станков
1.Александар, што те поттикна да создадеш апликација за психотерапија? Имаше ли личен момент што те „кликна“ да влезеш во овој свет?
Додека живеев и работев во Германија, гледав колку многу луѓе околу мене се борат со стрес, анксиозност, прегорување… а во исто време ретко кој бара помош затоа што е скапо, комплицирано или едноставно им е табу тема да отидат кај терапевт. И јас лично имав периоди на огромен притисок, во кој што за прв пат осетив паничен напад. Беше ситуација во која што мислев дека ќе умрам, не можев да земам воздух и ме болеа градите и тоа ме натера да сфатам колку е важно да имаш поддршка во вистинскиот момент.

Тука ми „кликна“ идејата — дека можеме да го направиме првиот чекор кон психолошка поддршка многу полесен. Сакав да создадам нешто што им дава на луѓето чувство дека не се сами, дека можат да почнат со мали чекори, дома, во своето време, без стигма. Така се роди RelaxifyApp — како еден мост помеѓу секојдневниот стрес и професионалната психолошка помош. Благодарение на Томе и Јоан можевме заедно да го создадеме RelaxifyApp.
2.Како изгледаше патот од идеја до готов производ? Што беше најтешкиот дел?
Патот од идеја до производ беше далеку подолг отколку што мислев на почеток. Прво мораше да докажеме дека ваков тип на решение навистина им треба на луѓето. Направивме истражувања, интервјуа и прототипи за да разбереме што функционира, а што не. Потоа следеше најтешкиот дел — да ја преточиме психологијата во дигитално искуство што е навистина корисно, а не само „убаво пакувано“.
Работевме со психолози, дизајнери, програмери… и секој чекор имаше предизвик. Но најтешкото беше да постигнеме баланс: да направиме алатка која е научно заснована, а во исто време доволно едноставна и пријатна за секој корисник. Направивме платформа со која ги анализираме податоците и им помагаме на фирмите, со рано предупредување за потенцијалните ризици во тимот.
По развивањето на првата верзија, следеа многу итерации на подобрување, со аналиѕа на датата како ја користат другите корисници. Data-drive-decision е нешто што го практикуваме за да стигне до сегашната верзија, на која сеуште работиме и ја подобруваме.

3.Како се чувствуваш кога знаеш дека Relaxify им помага на луѓето во моменти кога им е најпотребно?
Тоа е моментот што ме држи мотивиран. Кога градиш продукт, често си заробен во технологија, задачи, рокови… и лесно забораваш зошто почнал. А потоа ќе дојде порака од корисник кој вели дека конечно му се намалила анксиозноста или дека Relaxify му помогнал да го помине тежок ден — и буквално ти се потсетува целата смисла. Најмногу пофалби имаме дека апликацијата нуди игриви задачи во кои има интеракција, а не е само еднонасочна комуникација.
Искрено, чувството е мешавина од благодарност и одговорност. Убаво е што можеме да помогнеме, ама тоа и нè тера постојано да го подобруваме производот. Затоа што знам дека не се работи само за „апликација“ — се работи за нечие психичко здравје. И тоа го сфаќам многу сериозно.
4.Како изгледа да водиш стартап во индустрија што е и чувствителна и супер динамична?
Да водиш стартап во психолошка индустрија е како да возиш на две ленти истовремено. Од една страна, мора да бидеш исклучително внимателен, затоа што работиш со нешто многу чувствително – менталното здравје на луѓето. Тоа носи етичка одговорност, работа со стручни лица, валидирање на секоја функционалност и постојано внимавање да не направиш „брзина“ на сметка на безбедноста.
Од друга страна, индустријата е многу динамична. Нови трендови, нови научни откритија, нови технологии… и ако не си брз, едноставно ќе останеш зад кривината. Така што секој ден е комбинација од фокус, учење и многу прилагодување.
За мене, тоа е предизвик што ме полни енергија. Го сакам моментот што мора и да скалираме, и да иновираме, и да останеме етички беспрекорни. Тоа го прави патот тежок — ама и вреден.
5.Како реагираа психотерапевтите кога ја слушнаа идејата?
Во почетокот бевме малку нервозни како ќе реагираат психотерапевтите, бидејќи работиме со нивната експертиза и углед. Но, искрено, реакциите беа многу позитивни. Многумина ја препознаа потребата за дигитално решение што им овозможува на луѓето да направат први чекори кон помош, без стрес и стигма. Ние сме дополнување на нивната работа.
Некои беа скептични на почеток, што е сосема нормално — особено кога станува збор за чувствителна тема како менталното здравје. Но кога видоа дека ја земаме научната страна сериозно, дека секоја алатка е развиена со професионална поддршка, веднаш се приклучија и започнавме да градиме партнерства.
Тоа беше навистина охрабрувачки и потврди дека сме на вистинскиот пат.

6.Дали користите AI во апликацијата, и ако да — на кој начин?
Да, следиме иновации и интегриравме AI во апликацијата. На пример, го користиме за анализа на резултатите на корисниците и за персонализирани препораки. Исто така, развиваме чат-бот кој ќе овозможи корисниците да разговараат за психолошки теми и да добијат поддршка во реално време.
Сепак, за нас човечкиот допир останува клучен — ништо не може да ја замени вистинската интеракција со стручниот психотерапевт. AI е тука како дополнителна поддршка