Интервју: Владанка Крстевскa
Со големо задоволство ви ја претставуваме Владанка — жена која ги спои уметноста и бизнисот на уникатен начин. Од почетокот, таа и нејзиниот партнер Филип тргнаа од нула, со голема желба и храброст да создадат нешто ново и автентично во светот на маркетингот. Унијата на млади претприемачи Phoenix Rising е сведок за тоа дека една компанија може да постигне раст доколку има јасна визија и цел.
1. Како со Филип започнавте од нула, само со идеја, и што беше најголемиот предизвик во првите месеци?
Со Филип тргнавме буквално со празни раце, но со полни срца и глава преполна со соништа. Нашиот син кој имаше само 3 месеци беше моторот што нè туркаше напред — знаевме дека мора да успееме, дека имаме што да понудиме и дека нашиот пристап на пазарот може да биде различен, поавтентичен и почовечки. Од почеток бевме свесни дека ќе се грижиме за секој поединец еднакво — било да е клиент или вработен — затоа што веруваме дека човекот е центарот на секој успех. Најголемиот предизвик беше стравот — дали ќе успееме, дали ќе нè препознаат и дали ќе имаме доволно сила да истраеме. Но токму тој страв, претворен во упорност, стана гориво кое нè туркаше напред и сѐуште не турка.
2. Дали имате некој интересен или забавен момент до сега што би сакала да го споделиш?
Една од највпечатливите случки беше кога добивме обврска да изработиме корпоративно видео за голем светски клиент за помалку од 12 дена. Тоа беше вистински предизвик — сите вработени работеа со толкава посветеност и енергија што не можеше да се направи разлика меѓу „работно време“ и „слободно време“. На нас ни е најважно вработените да се чувствуваат како дома, како да е ова нивна компанија, нивна приказна. Кај нас нема поделби, нема „над“ и „под“ — сите сме исто, сите сме едно. Кога тоа ќе се доживее и од внатре, успехот не е прашање на среќа, туку на заедничка сила. Секој поединец подеднакво се бори за секоја креатива.
3. Што ви мотивира да продолжите да растете и да иновирате во маркетинг индустријата?
Нашата најголема мотивација се луѓето за кои работиме и приказните кои ги раскажуваме. Секој проект е можност да оставиме мал траен отпечаток — да им помогнеме на бизнисите да раснат, а на луѓето да почувствуваат нешто вистинско. На тој пат, правиме и грешки, учиме, менуваме насока, се адаптираме. Кај нас нема „неможе“ — мора да има начин. Секогаш го бараме решението, дури и ако тоа значи да ја смениме целата апликација, стратегија или пристап. Веруваме дека токму таа упорност и верба во „може“ е она што нè движи напред.
4. Како успеавте да привлечете големи клиенти како хотелот Мериот и La Plaza Mall, која е тајната за успехот?
Таа „тајна“ е посветеноста. Целосна посветеност без компромис. Ние не продаваме услуга — ние работиме заедно со секој клиент, рамо до рамо, како продолжена рака на нивниот тим, бидејќи сакаме суштински да го разбереме нивниот бизнис и она што тие го нудат. Веруваме во создавање заедништво, во тоа да го живееме нивниот бизнис како наш без граница. За нас нема работно време и неработно време — достапни сме 24/7, без разлика на ден, час или околности. Токму тоа чувство на сигурност и партнерство е она што нè прави различни и што гради доверба што трае.
5. Како ги користите вашите креативни таленти од глумата и водителството во создавањето на маркетинг стратегиите?
Глумата ме научи да ја препознавам и користам моќта на емоцијата — да влезам во туѓа приказна, да ја почувствувам одвнатре и да ја раскажам така што ќе допре до срцата на луѓето. Водителството ми даде способност за јасна, самоуверена и инспиративна комуникација, каде секој збор има тежина, а секоја пауза има смисла. Денес, како претприемач во маркетинг индустријата, свесно ги спојувам овие две вештини и постојано се надоградувам — не само креативно, туку и професионално, затоа што верувам дека во оваа динамична ера, учењето никогаш не завршува.
Разбирам дека глумата, водителството и маркетингот во 21 век не можат да се разделат — сите тие се делови од една поголема целина, а таа целина е комуникацијата со луѓето. И најважното нешто во таа комуникација не е сложениот концепт или големиот буџет, туку способноста да го разбереш обичниот човек — неговите желби, стравови, радости и потреби. Тоа е она што ги прави големите брендови навистина големи.
Јас таа моќ ја имам благодарение на моето образование на Факултетот за драмски уметности — таму научив дека суштината не е во тоа што ти сакаш да кажеш, туку во тоа што другата страна сака и треба да слушне, да почувствува и да добие. Тоа е темелот на секоја моја маркетинг стратегија и причината зошто верувам дека креативноста е најсилна кога е во служба на луѓето.
6. Која од овие три улоги (тв водител, глумец и претприемач) ти носи најголемо лично задоволство и зошто?
Јас сум човек кој сè што прави — го сака, и затоа неможам да одвојам. Уживам на сцена, каде театарот ми дава храброст да застанам пред публика и да ја носам целата енергија во моментот. Тоа искуство од сцената го пренесов и во претприемништвото — таму е исто како да излезеш пред публика, само што публиката се твоите клиенти, вработени и партнери, и секој настап е нов предизвик. Секој пост, креатива видео е нов предизвик, секоја кампања за мене е нова претстава. Уметничко видување на брендот кое ќе треба да профункционира со публиката нивна и да пренесе јасна и емотивна порака.
Телевизијата, пак, ми дава баланс. Таа ме научи на дисциплина, прецизност и јасност во комуникацијата. И кога ќе ги спојам сите три искуства — емоцијата и храброста од театарот, одлучноста и визијата од претприемништвото, и комуникациската моќ од телевизијата — добивам неверојатна комбинација, како моја лична ДНК.
Можеби еден ден ќе го спојам сето тоа во нешто свое, уште поголемо искуство, кое ќе можам да го пренесам на други. Сакам да инспирирам млади луѓе да го најдат во себе она што им треба и да го преточат во работа што ја сакаат. Денес работам три работи и сите ги сакам, и верувам дека токму оваа спојка ме прави тоа што сум.