Background Circle Background Circle

Интервју: Тифани Трајановска

 

Тифани Трајановска e основач и управител на Тифани агенција за недвижности речиси една деценија. Уште од првиот момент кога ѝ ја споделивме визијата за создавање на унијата, Тифани не само што веруваше во неа – таа веднаш стана дел од нејзиниот темел. Со своето искуство, енергија и безрезервна поддршка, Тифани ја носеше идејата како своја. Често знае да каже:Само млад претприемач може до крај да го разбере патот, падовите и триумфите на друг млад претприемач.

  1. Тифани, твоето патување пред отворањето на Тифани агенција за недвижности е навистина инспиративно. Кое работно искуство најмногу ти помогна во водењето на сопствениот бизнис денес?
    И покрај многуте работни позиции во најразлични индустрии, најниско рангираното во поглед на примања и мое прво работно искуство беше токму она што најмногу ме обликуваше професионално — работата во McDonald’s во Скопје, кога имав само 18 години. Поради ненадејни финансиски потешкотии во семејството, започнав да работам многу млада, паралелно со студирањето. Работев како касиерка, но тоа не значеше само наплата и услуга на гости — туку и чистење корпи за отпадоци, хигиенско одржување на целиот ресторан, и следење на строги протоколи каде и најмалите грешки носеа последици.

Физички и психички тоа беше најпредизвикувачка работа што сум ја работела, но ми даде темел за она што денес го нарекувам професионализам. Таму научив што значи одговорност, дисциплина, почит кон претпоставени, дека нема срам во ниту една работа и без разлика од каков социјален круг потекнуваш треба да се гордееш со секое работно искуство. По McDonald’s, секоја следна работа ми беше полесна — но професионалните навики и вредности веќе беа изградени. Дополнително научив и да ги почитувам сите луѓе без разлика колку и како заработуваат за да опстанат, што во мојата моментална професија е многу важно.

 

  1. Што те натера да го направиш големиот чекор од вработен во компании до градење сопствен бизнис – и тоа во толку конкурентна индустрија како што е пазарот на недвижности?
    Најголемиот мотив ми беше разочараноста – и од работодавците, и од начинот на кој системот функционираше во земјава. Сфатив дека колку и да се трудам, некои работи едноставно не зависат од мене. Сакав да создадам нешто свое, нешто што ќе го водам според моите принципи и вредности. Потекнувам од семејство на претприемачи и од мали нозе мојата визија за себе одеше во тој правец, но во моментот кога се приближив кон полнолетство компаниите кои ги поседуваа моите родители беа веќе затворени. Со мојата адаптибилна природа лесно се соочив дека мојот пат треба да го започнам сама, од нула.

Во 2015 година, ја основавме Тифани агенција за недвижности заедно со мајка ми. Таа имаше долга и успешна кариера во недвижности и размислуваше да се пресели во САД, но ја убедив да остане и да го изградиме бизнисот овде, во нашиот роден град – Скопје. Нејзиниот услов беше јас да бидам рамноправен партнер и да преземам голем дел од обврските, а таа да се фокусира само на она што најмногу го сака – продажбата. И така започна нашата приказна.

Фирмата ја започнавме со финансиски влог преку кредит од една од деловните банки, што беше речиси невозможно да го добиеме со оглед на нашите тогашни примања. Со голема помош од еден банкар кој се сочувствува со нашата ситуација и ја виде големата желба за основање на оваа фирма, успешно го добивме. Кредитот го исплативме целосно за многу кратко време од основањето на фирмата што дополнително ни даде мотив да продолжиме да работиме.

 

  1. Недвижностите се полни со предизвици и можности. Кој беше твојот прв продажен договор и како се чувствуваше?
    Во почетокот, не работев во продажба — почнав со административниот дел од работата. Но со тек на време, од љубопитност и недостаток на возбуда во работата, почнав да влегувам во продажбата. Се сметав за срамежлива и скромна личност, без “природен” талент за продажба, но со одлични комуникациски вештини и голема желба за учење.
    Сакам да ги охрабрам сите млади луѓе, да го променат своето верување дека за нешто не ги бива особено без да пробаат со цело срце истото да го работат и да го пронајдат правиот ментор кој правилно ќе ги едуцира и инспирира. Во принцип верувам дека човекот има дарба за сите работни позиции кои постојат, само тоа што едните ги прави подобри од другите е љубовта кон таа работа. По некогаш таа љубов е вродена, а понекогаш- тоа е наша лична одлука.

Мојата прва продажба можеби беше мала според бројки, но огромна по значење. Не беше само деловен успех – туку личен пробив. Чувството дека некој ми доверува важна животна одлука и дека јас сум дел од тоа патување беше незаменливо. Тоа беше моментот кога вистински почувствував дека ова е мојот пат.

  1. Работиш заедно со мајка ти – што е најдобро, а што најнеочекувано во тоа партнерство?
    Најдоброто е безусловната доверба што ја имаме една кон друга. Се познаваме цел живот, но кога работиме – сме вистински тим што стои еден зад друг и во добри, и во предизвикувачки моменти. Тоа чувство на стабилност и сигурност е непроценливо, особено во бизнис како овој, каде сè се движи брзо и емоциите се силни.

Најнеочекувано е тоа колку сме различни во пристапот кон работата! Таа е енергична, темпераментна, и има природен инстинкт за продажба – вистински “ас” на терен. Јас пак, доаѓам од поаналитичен и организиран агол – повеќе фокусирана на детали, процеси и долгорочна стратегија. Во почетокот овие разлики знаеја да доведат до судири, но со тек на време научивме да ги гледаме како комплементарна предност. Денес, токму тие разлики се нашата најголема сила – си ги покриваме меѓусебно слабостите и создадовме функционална рамнотежа.

Интересно е што сè што правела додека растев – да ми ја изгради самодовербата, да ме охрабри да бидам борбена, гласна и одлучна – денес ѝ се враќа во форма на силен и рамноправен партнер кој има став и визија. Понекогаш тоа ја прави горда, но знае и да предизвика мали “искри”. Среќа што хуморот ни е секојдневие – и сè се надминува со насмевка. 😊

  1. Дали постои вредност или принцип според кој се води секоја одлука во твојата компанија?
    Да – емпатија и интегритет пред се друго. Кај нас не е важно колкав е буџетот на клиентот – секој заслужува искрен совет, професионален пристап и максимална посветеност. Никогаш не правиме притисок да се затвори зделка по секоја цена. Ако нешто не е во најдобар интерес на клиентот – ние отворено го кажуваме тоа. Затоа и градиме долгорочна доверба, а не само трансакции.
  2. По што клиентите најмногу те паметат?
    По тоа што сум искрена, емпатична и секогаш присутна во процесот. Многумина велат дека сум им го олеснила стресот, дека сум била нивна поддршка и советник, не само агент. Секоја продажба е емоционален процес, особено кога се работи за семејни домови – и јас тоа длабоко го разбирам.
  3. Која ти е скриената вештина надвор од бизнисот?
    Мојот скриен талент е уметноста — нешто што го наследив од татко ми. Уживам во пеење и сликање на платно со акрилни бои. Овие таленти не се дел од мојата професија, но играат многу важна улога во мојот живот. Во ретките моменти кога имам слободно време, уметноста ми помага да се релаксирам, да се исклучам од брзиот и интензивен бизнис живот, и да се поврзам со нешто што ме исполнува на длабоко, лично ниво.

 

За Тифани агенција за недвижности

Основана во 2015 година во Скопје,  Тифани ДООЕЛ Скопје денес претставува препознатлив и водечки бренд на пазарот со недвижности во Македонија. Со 10 години професионализам, истрајност и личен пристап кон секој клиент, компанијата денес се гордее со успешен тим, рекорден број на продажби и соработка со голем број странски клиенти и компании кои самостојно ја избираат Тифани агенција за недвижности поради нејзиниот квалитет, транспарентност и резултати.